Индискиот милијардер Субрата Рој пред неколку месеци од религиозни причини се откажа од црковното земјиште кај манастирот „Св. Наум“ во Охрид, но вакво каење досега не се појавило и кај државната власт. Управниот суд одлучи да одзеде земјиште со површина од пет хектари, кое што досега беше во владение на Македонската православна црква (МПЦ), и да го даде на располагање на државата. Одлуката за експропријацијата на оваа атрактивна локација е спроведена без образложение за каква намена ќе се употребува земјиштето и дали интересот е јавен, за да се запазат актуелните законски прописи. И покрај ваквата недореченост, од поодамна е познато дека на спорната локација е планирано да се гради туристичко – развојна зона.
Дебарско – Кичевскиот архиереј г. Тимотеј во денешната изјава за неколку медиуми порача дека донесената одлука ќе ја обжали пред Вишиот Управен суд, повторно нагласувајќи дека црквата не е заинтересирана за отуѓување на земјиштето во близина на манастирскиот комплекс „Св. Наум“. И додека трае спорот помеѓу црквата и Управниот суд, на теренот во Љубаништа се одвиваат неопходните археолошки ископувања на откриениот локалитет, кој ќе претставува составен дел од бројните хотелски комплекси и останати придружни објекти. Истовремено, државата забрзано работи за создавање услови за продажба на атрактивното земјиште.
Некогаш земјоделското земјиште веќе е пренаменето во градежно, изготвена е урбанистичко – планска документација за просторот, а набрзина беше изготвена и Студијата за влијанието врз животната средина од туристичката развојна зона „Љубаништа 1“. Во атарот на селото Љубаништа државата планира да гради три туристичко – развојни зони, за чија реализација консултантската куќа „Horwath i Horwath Consulting“ веќе издготвува физибилити – студија и мастер план за развој. После комплетирањето на документацијата во текот на наредните месеци, државата преку Министерството за транспорт и врски или Министерството за економија ќе излезе со оглас за отуѓување на земјиштето.