Македонија ќе добие нов заем од 52 милиони евра за реконструкција на магистралните и на регионалните патишта, со кој ќе се финансира санацијата на патните правци Ресен – Буково, Битола – Макази и Бошков Мост – Дебар. Договорот за подигање на кредитот денеска го потпишаа вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, директорот на ЈП за државни патишта Љупчо Георгиевски и директорката на канцеларијата на Светска банка во Македонија Татјана Проскурјакова. Покрај обезбедувањето на финансисии, во моментов се привршува и со изработка на неопходната документација за најавената рехабилитација на патиштата. Конкретните градежни активности на терен треба да почнат веќе во 2015 година.
Заемот од Светската банка е со варијабилна каматна стапка која во моментов изнесува 0,6%, со шест години грејс период и рок на отплата на кредитот од 23 години. Покрај веќе потпишаниот договор, Светската банка во текот на наредната година ќе одобри 100 милиони евра за изведба и санација на дополнителни патни правци, меѓу кои се: Пробиштип – ски центар Пониква, Тораница – Саса, Старо Коњарево – Ново Коњарево, Гарски мост – Извор и Ранковце – Крива Паланка. Со Стратегијата за партнерство со Светска банка во наредните четири години во нашата земја ќе се инвестираат вкупно 400 милиони евра.