Реконструкција на малото пристаниште во Охрид и изградба на нов угостителски објект планира да реализира тамошната локална власт во соработка со приватен партнер. Малото пристаниште се наоѓа пред хотелот „Палас“ и е изградено во 1959 година, но последните неколку години е целосно неупотребливо. Општина Охрид сака да воспостави јавно – приватно партнерство преку кое ќе се реконструира пристаништето, но и ќе се изгради угостителски објект, за кој засега е непознато колкава површина ќе опфати и какви содржини ќе има.
Малото пристаниште во Охрид:
Идејно решение:
„Значи покрај реконструкција на постоечкиот мост до малото пристаниште би требало да се изгради еден функционален објект кој што ќе им овозможи на граѓаните на Охрид да ги вратат своите спомени од минатото со изведба на едно градско капалиште или градска плажа. Веројатно ќе има и комерцијални и угостителски објекти и содржини кои можеби со основниот проект ќе бидат дополнително предвидени“ изјави денеска охридскиот градоначалник Никола Бакрачески. Општината веќе има изработено идејно решение за пристаништето и новиот објект, а подетални информации се очекуваат по изготвување на основниот проект.
Сите заинтересирани субјекти, кои имаат свои забелешки, сугестии и бизнис планови за изградба и користење на малото пристаниште треба да ги достават најдоцна до 29 октомври до локалната самоуправа од Охрид.