Министерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири и градоначалничката на Тетово Теута Арифи денеска извршија увид во состојбите со изградбата на водоводниот зафат на водите на Студена река и на реката Пена, проект кој започна да се одвива во текот на август годинава. Aктивностите на терен се одвиваат според планираната динамика и предвидувања, досега се изградени околу 1,7 километри од водоводната мрежа, а работите би требало да завршат до крајот на наредната година. Реализацијата на проектот вклучува изведба на 8,5 километри водоводна мрежа, со поставување на цевки, шахти, испусни вентили и останата инфраструктура.
Со овој градежен зафат ќе се обезбедат 200 литри вода во секунда од горниот тек на реките Пена и Студена во градскиот водовод и ќе се надминат проблемите со обезбедување на питка вода за граѓаните. За реализација на проектот се издвоени 114.999.913 денари. Градежните работи ги изведува фирмата „НБ Компани“ од Тетово.