Наместо мостот на желбите, ќе се гради нова пешачка патека на потегот од градското пристаниште до населбата Канео во Охрид. Министерството за транспорт и врски има обврска во наредните неколку месеци да распише Конкурс за избор на идејно решение за изгледот на патеката, а веднаш потоа ќе се подготви главниот проект и ќе се обезбедат потребните финансии за зафатот. Охридскиот градоначалник Никола Бакрачески денеска информираше дека изградбата ќе започне за една година или година и неколку месеци и ќе се комплетира до крајот на 2016 година.
Судбината на постоечкиот мост што го поврзува стариот дел на Охрид со Канео ќе се знае по изборот на идејното решение за новиот проект. Во меѓувреме, охридската локалната самоуправа ќе изврши корекции во насока на подобрување на безбедноста на граѓаните што го користат мостот. „Навистина во овој момент не можам да претпоставам дали мостот на желбите ќе биде претходно отстранет, дали ќе се искористи дел од градбата. Навистина ние не можеме да си дозволиме да ја доведеме безбедноста на нашите граѓани во прашање“, изјави градоначалникот Бакрачески.