Општина Кавадарци деновиве пушти во употреба модуларен паркинг со површина од 1.100 метри квадратни и вкупен капацитет од околу 80 возила. По неколку инфраструктурни проекти од овој тип во Скопје, Кавадарци е вториот град во земјава што добива модуларен паркинг. Објектот е лоциран во центарот на градот, во непосредна близина на паркот „Алеја на великаните“ и се состои од две нивоа, приземје и кат поставени на челични, метални и бетонски елементи, кои овозможуваат негово надградување и на повеќе нивоа. Од локалниот буџет за изградбата беа издвоени 30 милиони денари, а изведувач беше фирмата „Масон Инженеринг“ од Скопје.
Реализацијата на проектот започна кон средината на декември минатата година. Според информациите од локалната самоуправа, паркирањето ќе биде бесплатно до Нова година, а потоа ќе се плаќа симболична цена.