Долговетуваниот проект за гасификација на земјава е на еден чекор поблиску до реализација со владината одлука за одобрување на физибилити студијата за склучување на јавно – приватно партнерство за изградба на дистрибутивна мрежа за природен гас во источна и во западна Македонија. Вицепремиерот Владимир Пешевски на денешната прес – конференција информираше дека јавните повици за пронаоѓање инвеститори ќе бидат објавени до крајот на идниот месец. Дистрибутивната гасоводна мрежа е планирано да биде долга 650 километри, а вкупната инвестиција во овој крупен проект би изнесувала 150 милиони евра.
Според владините проценки, идните инвеститори ќе треба да вложат по 50 милиони евра за изградба на дистрибутивните гасоводи во општините од источна и од западна Македонија. Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески вели дека нивната изградба би се завршила во рок од четири години, додека целокупниот договор за јавно – приватно партнерство ќе се склучи за период од 20 години. „Инвеститорот или идниот концесионер ќе има обврска за изградба на примарна и секундарна дистрибутивна мрежа, инвестирање во терциерната мрежа, приклучоци до сите крајни потрошувачи, вклучувајќи ја и опремата за мерење и регулација, дистрибуција на гас, управување и одржување на системот, како и набавка на целокупната опрема“, изјави Јанакиески.
Со планираната дистрибутивна мрежа за природен гас ќе бидат опфатени 37 општини од источна Македонија и 26 од западниот дел на земјава. Покрај обврската да вложи во изведбата на обемната инфраструктура, приватниот партнер на владата ќе треба да ѝ плаќа минимален годишен надоместок во износ од еден процент од добивката. Концесионерот ќе наплаќа за своите услуги преку мерење на испорачаните количества природен гас или топлинска енергија по објект.