Претходна статија
Инвестиција од 5,5 милиони евра во индустриската зона во Илинден
Следна статија
Избрано идејното решение за „Етно село Пирго“ во струмичко

Се бара нов изглед за десетици згради во строгиот центар на Скопје!

Објавено на 06.08.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Градот Скопје е решен да го смени изгледот на веќе изградените згради во строгиот центар. Само во текот на денешниот ден се објавени пет одделни Конкурси за избор на идејни решенија за реконструкција на фасади на постојни објекти на неколку различни локации во македонската метропола. Целосно ќе се менува изгледот на дури 12 објекти околу плоштадот „ВМРО“, на 12 објекти долж булеварот „Илинден“, на шест згради што гравитираат околу плоштадот „Мајка Тереза“ и седиштето на Стопанска банка во склоп на ГТЦ, на пет објекти што се протегаат долж улицата „Димитрие Чуповски“, како и градбите лоцирани на улицата „Црвена скопска општина“.

 

* Проектот „Скопје 2014“ го менува изгледот на сè повевеќе постоечки објекти

 

 

Од архитектите се бара да достават решенија што ќе ги почитуваат програмските барања и постоечките прописи за проектирање и реконструкција на фасади, но и да ги задоволат критериумите за изводливост и одржливост, инвентивност во пристапот на обликување и економичност. На победниците градската власт ќе им додели награди во износ од 25.000 и од 40.000 денари. Конкурсните трудови треба да се достават до Архивата на Градот Скопје, и тоа најдоцна во деновите во периодот од 25 септември до 1 октомври, во зависност од тоа за кој конкретен објект се конкурира.

 

Градската власт не ги обелоденува членовите на жири – комисиите кои ќе одлучат како ќе изгледа центарот на главниот град во иднина. Во денешните објави нема информација ниту дали ќе се организира изложба на пристигнатите архитектонски трудови. Она што единствено се знае е дека покрај реконструкцијата на фасадите на станбени објекти, со средства на граѓаните во наредниот период ќе се финансира и санацијата на надворешниот изглед на деловни и на административни објекти, кои се во сопственост на поголеми приватни компании и на државни институции.