Претходна статија
Отворена катната гаража кај „Работнички дом“
Следна статија
„Бетон“ ќе го гради панорамското тркало на Вардар за 18,3 милиони евра

За спорните ДУП-ови во Центар последен збор ќе има Уставниот суд

Објавено на 04.08.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Нов заплет во борбата околу носењето на проблематичните Детални урбанистички планови „Тасино чешмиче – 1“ и „Капиштец – Водно“ во скопската општина Центар. На денешната седница на Општинскиот совет, 11 советници на ВМРО-ДПМНЕ гласаа против, додека 11 советници на СДСМ и коалицијата се изјаснија за решението на градоначалникот Андреј Жерновски, за стопирање на спорните ДУП-ови. Претседавачот на Советот, Мирослав Шиповиќ, гласаше воздржано. Градоначалникот Жерновски реши да ги блокира ДУП-овите откако претходно за нивно донесување, на седница која ја бојкотираа советниците на СДСМ, гласаа 11 од вкупно 23 членови на Советот, односно мнозинството од присутните, но не и од вкупниот број советници. Таквиот исход ја отвори дилемата дали контроверзните измени во урбанистичките планови се усвоени според пропишаната законска постапка.

 

Извадок од ДУП-от за Тасино чешмиче од 2009 годинаИзвадок од ДУП-от за Тасино чешмиче од 2010 годинаИзвадок од неодамна усвоениот спорен ДУП за Тасино чешмиче

 

 

По резултатот од денешното гласање, градоначалникот Жерновски рече дека на ваков начин не може да бидат носени одлуки и оти ќе го обжали гласањето пред Уставниот суд. СДСМ и коалицијата се спротиставуваат на донесувањето на ДУП „Тасино чешмиче – 1“ со образложение дека изградба на десеткатница на местото на хотелот „Панорама“ на Водно е небезбедно, што го аргументираат со стручно мислење на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС) од 2009 година. Исто така, според нив, предложените измени не можат да бидат усвоени бидејќи не се во согласност со Генералниот урбанистички план на Град Скопје.