Со пуштањето во употреба на новата катна гаража „Разловечко Востание“, лоцирана веднаш до „Работничкиот дом“ во Скопје [»мапа], градот го доби третиот објект од ваков вид. Гаражата има 10 нивоа (девет надземни и едно подземно) со вкупна површина од 23.000 метри квадратни, од кои 20.000 метри квадратни се наменети за паркинг и обезбедуваат 516 паркинг места. Останатите 3.000 метри квадратни се наменети за деловен простор. Во тој дел од објектот сè уште се изведуваат градежни работи и засега не се објавени информации дали се најдени закупци. Зградата располага со четири лифтови за паркинг просторот и два лифта коишто се наменети за деловниот простор, како и 48 камери за видео надзор. Паркирањето чини 30 денари за еден час.
Изградбата на катната гаража „Разловечко Востание“ започна во септември 2011 година и првично беше предвидено нејзино отворање во 2013 година, но рокот беше пробиен, а исто така и првичниот буџет во висина од осум милиони евра беше надминат за околу 850 илјади евра. Проектот за објектот го изготви „Иванов инженеринг“, а изведувач на градежните работи беше скопски „Бетон“. Инвеститорот, АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор (АДСДП) исто така го вршеше и градежниот надзор.
» Форумска дискусија за овој проект