Градежната компанија „Трансмет“ од Скопје ќе го гради пристапниот пат до идната брана и акумулација „Речани“, која треба да биде дел од хидросистемот „Оризарска река“ во кочанскиот регион. Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе исплати 184.391.520 денари (околу 3 милиони евра) за изведба на патот, кој ќе има две коловозни ленти и ќе биде со должина од 5 километри. Рокот за реализација на овој зафат е 43 месеци. Пробивањето на патната врска низ клисурата е првата фаза од остварувањето на обемниот проект, со кој е предвидено во наредната етапа да се гради и самата брана „Речани“. Пред нејзината изградба, неопходно е да се заврши експропријацијата на целокупното земјиште.
Со изведбата на браната „Речани“ трајно ќе се реши прашањето за водоснабдување на 90.000 граѓани од Кочани, Виница и од околните населени места. Во изминативе години се одвоија 36 милиони денари од државниот буџет за изработка на целокупната техничка документација и на студијата за оценка на влијанието врз животната средина на овој инфраструктурен објект, со што се создадени сите предуслови за почеток на неговата изградба.