Иако Советот на општина Центар на петочната седница ги изгласа измените во урбанистичките планови „Тасино Чешмиче 1“ и „Капиштец – Водно“, во изминативе денови се разви дискусија околу легалноста на нивното донесување. Министерот за локална самоуправа, Лирим Шабани во денешната изјава за телевизија „Алсат“ напомена дека двата ДУП-ови се донесени спротивно на Законот за локална самоуправа и најави соодветни мерки преку надлежниот инспекторат во ова министерство. „Општинскиот совет согласно законските одредби може да усвои програми, статуси и други одлуки кои се во согласност со Законите. Овие одлуки советот треба да ги усвои со мнозинство гласови од бројот на советници“, изјави министерот Шабани.
Првиот човек на Министерството за локална самоуправа вели дека до денес не е пристигната жалба од општина Центар за непочитување на законската процедура, но притоа истакна дека ќе се преземат соодветни мерки ако пристигне ваков документ. Локалната самоуправа од оваа скопска општина пред два дена извести дека спорните урбанистички планови не се донесени бидејќи не е испочитуван членот 62, став 2 од Законот за локална самоуправа, во кој се наведува дека прописите се усвојуваат со мнозинство гласови од вкупниот број на членови на советот, односно минимум 12 од вкупно 23 советници.
„ДУП-овите, спротивно на законот, беа поставени на Дневен ред на 23-та седница на Советот на Општина Центар, на предлог на советниците на ВМРО-ДПМНЕ. Дополнително, со предложените измени, ДУП „Тасино Чешмиче 1“ не може да биде усвоен бидејќи не е во согласност со ГУП на Град Скопје, донесен од Советот на Град Скопје“, информираа од оваа скопска општина. Од вкупно 23 советници, со 11 гласови „за“ и 1 глас „против“ минатиот петок се гласаше за донесувањето на двата урбанистички плана од општинскиот совет во Центар.