Откако изминатата недела беа исечени дрвјата долж улицата „Јордан Мијалков“ (поранешна улица „Железничка“) во центарот на Скопје, денеска и официјално започна реконструкцијата и проширувањето на оваа сообраќајница, на потегот од крстосницата со улицата Герман до пред крстосницата со улицата Павел Шатев. Коловозот ќе се проширува од страната кон Старата железничка станица, во должина од 550 метри. Со реализацијата на зафатот ќе се добијат три коловозни ленти со ширина од по 3,25 метри, разделна жардиниера со зеленило, сервисна коловозна лента со паркинг со ширина од шест метри и тротоар.
Покрај поставувањето на нов асфалт и осветлување долж улицата, претстојниот зафат ќе се искористи за изведба на нова атмосферска канализација и за санација на постојната водоводна и фекална мрежа. Градежните работи треба да се комплетираат за околу 150 работни денови. Изведувач на овој проект е фирмата „Пелагонија“ од Гостивар, со која Градот Скопје склучи договор уште на почетокот од октомври минатата година. За поставување на ново осветлување ќе биде задолжена фирмата „Дигитал“ од Струмица. Финансиската конструкција за проширувањето на улицата „Јордан Мијалков“ изнесува 47 милиони денари.