Претходна статија
Архитектите бараат референдум за зачувување на автентичноста на ГТЦ
Следна статија
Скопје доби нов скејт - парк

Град Скопје за барокни фасади годинава ќе издвои 2,32 милиони евра

Објавено на 07.07.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Планирана фасада на објект на ул. Никола Вапцаров бр.10Наместо првично планираните 2,29 милиони евра, до крајот на годинава за нови барокни фасади во центарот на Скопје ќе се потрошат 2,32 милиони евра. Оваа одлука ја донесоа градските советници на денешната седница и истата е во согласност со Измените и дополнувањата на Буџетот на градот за 2014 година. Во одбрана на предложената финансиска ставка, градоначалникот на Скопје Коце Трајановски изјави дека градската управа не би можела да ги подмири трошоците за рефасадирање на зградите во централното градско подрачје и дека повеќе од 90% од средствата за оваа намена се обезбедени од државниот буџет.

 

Со алоцирањето на неопходните финансиски средства за реализација на овој дел од владиниот проект „Скопје 2014“, создадени се сите предуслови за промена на изгледот на постоечките објекти во центарот на Скопје. „Билд“ веќе информираше за потпишаните договори во текот на мај и април годинава. Градот Скопје во пролетните месеци склучи неколку договори за реконструкција на 14 зданија, лоцирани на улиците „Македонија“, „Никола Вапцаров“, „Димитрија Чуповски“, за кои вкупната вредност на договорите изнесува над 200 милиони денари или околу 3,2 милиони евра.

 

Градежните работи на овие згради ќе ги изведуваат фирмите „Пелагонија“ од Гостивар, „Трансмет“ од Скопје и „Бауер БГ“ од Скопје. Идејните решенија ги изработија архитектите Жарко Чаушевски и Звонко Ставрески, кои и претходно фигурираа како автори на објекти и фасади од проектот „Скопје 2014“.