Наместо да се градат 13 објекти, проектот за возобновување на Свети Климентовиот универзитет на Плаошник ќе се сведе на изградба на шест зданија. За да не се изгуби статусот на градот под заштита на УНЕСКО, македонските државни институции се согласија да направат промени во првичниот проект за подигањето на овој комплекс во стариот дел на Охрид. Во натамошниот период ќе продолжи доградбата на резиденцијата на Македонската православна црква и манастирскиот конак на источната страна од постоечката црква. Покрај овој комплекс, во останатите два ќе бидат сместени Богословскиот факултет, Свети Климентовата библиотека, Музејот на Плаошник и Центарот за хуманистички науки.
Покрај намалувањето на бројот на објектите, по препораките на УНЕСКО ќе се намали и катноста за еден кат. Нивните фасади ќе бидат спој на црковната и староградската архитектура, а ќе се исфрлат поголемите стаклени површини. Од Заводот и Музеј – Охрид сметаат дека тие и претходно отскокнувале од архитектурата на останатите објекти. И додека се прават измени во проектната документација, на терен продолжуваат градежните активности за подигање на Свети Климентовиот универзитет.
Во моментов се изведува армирано – бетонската конструкција на планираните зданија од источната и западната страна на црквата, при што за нивна реализација веќе се издвоени 11,3 милиони евра. Како изведувачи на работите се ангажирани фирмите „Митан пром“ од Охрид и „МЗТ инженеринг“ од Битола. Новиот краен рок за целосно завршување на Свети Климентовиот универзитет ќе биде крајот на 2017 или почетокот на 2018 година.