Македонија и Бугарија дефинитивно нема да се поврзат со автопат. Идната патна врска со нашиот источен сосед ќе биде експресен пат со по две коловозни ленти во секој правец. За таа цел, Јавното претпријатие за државни патишта пред две и пол недели склучи договор за изработка, дополнување и прилагодување на проектот за изградба на делницата од Ранковце до Крива Паланка. За изготвувач на проектната документација е избрана фирмата „ДИВИ Македонија“ (основана од германската DIWI Germany GmbH), која има рок од 18 месеци за истата да ја комплетира.
За подготовка на проектот се издвоени финансиски средства во износ од 34.172.800 денари од државниот буџет. Македонската влада ја промени одлуката за изградба на автопат кон Бугарија во февруари 2012 година. Во согласност со сегашната замисла, постоечкиот магистрален пат А2 ќе се реконструира и ќе се прошири за да се надгради на ниво на експресен пат. Целокупниот зафат треба да се комплетира најдоцна до 2015 година.