Претходна статија
Владата најавува над 200 милиони евра за системите за наводнување
Следна статија
Намалени трошоците за изградба на објекти за индивидуално домување

Приватен инвеститор ќе го гради новиот градски пазар во Охрид

Објавено на 04.06.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Локалната самоуправа од Охрид денеска распиша оглас за пронаоѓање инвеститор за изградба на новиот градски пазар, на местото на постоечкиот пазар на булеварот „Туристичка“ во центарот на градот. Од општината соопштуваат дека по пат на јавно – приватно партнерство ќе се гради нов објект, во кој ќе биде вклучен и затворениот зелен пазар. Објектот ќе има бруто развиена површина од 6.779 метри квадратни и три надземни нивоа. Приватниот инвеститор исто така ќе треба да изгради и подземен паркинг со капацитет од 150 возила. Како помош при спроведување на проектот, Општина Охрид изработи физибилити – студија.

 

##

 

 

Во согласност со изготвениот документ, градот треба да добие затворен зелен пазар со 192 тезги што ќе се простира на површина од 1.230 метри квадратни на приземјето од објектот. На приземјето е предвиден и деловен простор на 341,5 метри квадратни. Вториот кат ќе премине во сопственост на инвеститорот, додека третиот кат ќе биде наменет за локалната самоуправа. За најповолен понудувач ќе се смета оној инвеститор што ќе понуди најголема површина за сместување на локалната самоуправа, при што тој ќе треба да понуди административен простор од минимум 713 метри квадратни.

 

Покрај овие обврски, приватниот партнер ќе треба да ги реконструира фасадата и кровот на постојниот објект на Ј.П. Градски пазар, да го санира објектот за продажба на јајца и млечни производи, но и да им обезбеди плати и придонеси во период од шест месеци на сите вработени во ова охридско јавно претпријатие. Понудите на заинтересираните инвеститори треба да се достават до општина Охрид најдоцна до 25 јуни.