Бугарската фирма „Неотех инженеринг“ од Софија ќе ја догради новата општинска зграда во Карпош [»мапа], вклучувајќи го надворешното обликување и ентериерното уредување. Општина Карпош потпиша два договори во вредност од 88.235.293 денари или околу 1,4 милиони евра за довршување на зградата, која почна да се гради на почетокот од октомври 2012 година. Новиот изведувач ќе треба да доврши дел од внатрешните ѕидови, да ја изведе проектираната стаклена фасада на зданието и да го уреди канцеларискиот простор за идните административци. Рокот за реализација на севкупните активности изнесува 12 месеци, со што се отвора можност локалната администрација од Карпош да се пресели во новиот објект во првата половина на 2015 година.
Изградбата на општинска зграда е замрена повеќе од една година. Локалната самоуправа во неколку наврати во текот на изминатите месеци проба да најде соодветен изведувач за целосна реализација на градежните работи. Претходно, тетовската фирма „АК Инвест“ ја подигна зградата до ниво на карабина.
Објектот ќе има пет надземни нивоа со приземје, три ката и поткровје, со вкупна површина од 4.500 метри квадратниа, а во негови рамки е предвиден паркинг простор од околу 1.000 метри квадратни. Идејното решение го изработија студијата „СКАрС“ и „Архитектри“, проектот го изготви „Бортас“, а за градежен надзор инвеститорот ја ангажираше „Карапанчевски Компани“.