Скопската општина Карпош најдоцна до септември годинава ќе го добие едно од најголемите приватни основни и средни училишта во Македонија [»мапа]. Турски „Јахја Кемал колеџ“ веќе неколку месеци интензивно го гради новиот образовен објект во дворот на основното училиште „Јан Амос Коменски“ во населбата Тафталиџе. Градежните работници на фирмите „ЃМ Компани“ и „Мина Констракшн“ од Скопје досега ја завршија армирано – бетонската конструкција на првите два ката од идното здание, кое е предвидено да има приземје, три ката и поткровје, со максимална висина од 13,5 метри.
Турските инвеститори веќе почнаа со рекламирање на новиот образовен објект, кој е предвидено да биде првото „паметно“ основно и средно училиште во Македонија, во кое ќе се применуваат современи технолошки достигнувања при изведување на наставата. Проектната документација за идната зграда ја изработи „УРБАН КОМ“ од Скопје. „Јахја Кемал колеџ“ го купи земјиштето за изградба на образовната установа од општина Карпош на почетокот од јуни минатата година. Купувачот ја доби градежната парцела со површина од 10.430 метри квадратни по цена од 9.500 денари за метар квадратен, односно вкупно за неа плати околу 1,6 милиони евра.