По неколкумесечно успешно функционирање во рамките на ТИРЗ „Скопје 2“ кај Бунарџик, белгиската компанија „Ван Хол“ денеска и официјално се одлучи да ја запознае македонската јавност со новата фабрика за производство на автобуси. На свечениот настан присуствуваа премиерот Никола Груевски и неколку министри од владата, кои заедно со извршниот директор, белгијанецот Филип Ван Хол, не ги криеја позитивните искуства од првите месеци на работење на производствениот погон, кој се простира на површина од 36.900 метри квадратни.
„Фабриката претставува инвестиција од 25 милиони евра и моментно вработува 430 наши граѓани која бројка се очекува во наредниот период да достигне 600. Фабриката веќе работи активно, а околу сто автобуси произведени во неа се извезени во САД. Произведени се вкупно 140 автобуси, а во фаза на производство се 70, што значи дека веќе се работи на производство на 210-от автобус во Македонија“, истакна премиерот Никога Груевски. За последниот квартал од годинава е предвидено да почне производство на ново возило за европскиот пазар, што ќе донесе 140 нови вработувања во оваа фабрика.
Белгиската компанија „Ван Хол“ стартуваше со работа во јули 2013 година, по експедитивната изградба на големиот индустриски објект, кој почна да се гради кон крајот на јули 2012 година. За реализација на инвестицијата, тие од државата зедоа на долгорочен закуп градежно земјиште со површина од 157.000 метри квадратни.