За изведба на пет неокласични и барокни фасади на постојни објекти во строгиот центар на Скопје ќе се потрошат вкупно 80.043.287 денари или околу 1,3 милиони евра. Градот продолжува со склучување нови договори за реконструкција на фасадите на препознатливи скопски градби, кои ќе треба да се прилагодат во согласност со протежираните архитектонски правци од проектот „Скопје 2014“. Следни за реконструкција се објектите со број 6, 8, 11 и 13 на улицата „Никола Вапцаров“, како и зградата со број 10 на улицата „Димитрија Чуповски“. Изведбените зафати треба да се реализираат во рок од шест месеци од страна на градежните компании „Пелагонија“ од Гостивар, „Трансмет“ од Скопје и „Бауер БГ“ од Скопје.
* Покрај нови плочки, улицата „Никола Вапцаров“ ќе добие и барокни фасади
Врз основа на објавените договори на веб – страницата на Бирото за јавни набавки во текот на април и мај годинава, Градот Скопје потпишал повеќе договори за промена на изгледот на објектите што се лоцирани во централното градско подрачје, чија вкупна вредност ја премина сумата од 3,3 милиони евра. Новите фасади во стилот на „Скопје 2014“ по правило се изработуваат од страна на мал круг на архитекти и притоа остануваат скриени далеку од очите на јавноста до нивната конечна реализација.
Идејните решенија за промена на фасадите на постојните објекти долж улиците „Македонија“, „Никола Вапцаров“ и „Димитрија Чуповски“ ги изработија архитектите Звонко Ставрески и Жарко Чаушевски, додека основните проекти се дело на бироата „Архитектоника“ од Скопје и „Проинг Љубе“ од Битола.