Претходна статија
Конечно ќе се оспособи пругата Битола - Кременица
Следна статија
Меѓународно архитектонско признание за гаражата спроти „Макпетрол“

МЖ – инфраструктура засега ќе остане без барокна зграда

Објавено на 02.04.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Јавното претпријатие Македонски железници – Инфраструктура во првиот обид не успеа да пронајде приватен партнер за изградба на шесткатница, на местото на бараките покрај улицата „Јордан Мијалков“ во центарот на Скопје. Денеска беше крајниот рок за доставување на понуди, но интерес не пројавила ниту една фирма. Планот на МЖ – Инфраструктура беше на потенцијалниот инвеститор да му ја препушти изградбата, но и сопственоста врз дел од објектот, кој според условите во огласот, требаше да се изведе во барокен, класицистички или неокласицистички стил. Понудите требаше да се рангираат според процентот на површина од објектот која би била наменета за претпријатието, со тоа што долниот праг изнесуваше 30%.

 

Од МЖ – Инфраструктура информираат дека имаат намера да распишат уште еден оглас и повторно да се обидат да најдат на инвеститор, но дека тоа ќе го прават по консултација со Министерството за транспорт и врски. Според деталниот урбанистички план, објектот е предвиден на градежна парцела од 3.179 метри квадратни, неговата висина може да достигне најмногу 25 метри, а вкупната изградена површина 9.003 метри квадратни. Покрај канцелариски простор, во него ќе може да функционираат и хотел, трговски центар и угостителски локали.