„Инком Инженеринг“ од Скопје и „Есперанца“ од Битола ќе ги изработат четирите идејни решенија и основни проекти за изградба на семејни куќи во идната населба „Јака“ во општина Илинден. До општината биле доставени понуди од четири фирми, врз основа на распишаниот конкурс од пред неколку месеци. Проектната документација бесплатно ќе им се нуди на сите оние што веќе купија градежни парцели за изградба на индивидуални живеалишта во населбата оддалечена 10-тина километри од центарот на Скопје. Идејата на локалната самоуправа е да им се помогне на граѓаните преку заштеда на финансиски средства и до 1.000 евра за изработка на овие документи. Моделите се изработени за семејни куќи со површина од 70-80, од 80-100, од 140-160 и од 160-200 метри квадратни.
Општина Илинден на двете победнички компании ќе им ја додели конкурсната награда во износ од 120.000 денари. Оттаму напоменуваат дека досега се продадени 261 градежна парцела во населбата „Јака“, а преостанатите околу 80 локации ќе им бидат понудени на заинтересираните граѓани во наредниот период по пат на електронско јавно наддавање. Населбата ќе се простира на површина од 28 хектари и во нејзин склоп ќе се градат и трговски центар, забавен парк, спортски терени, хотели и простор за собир.