Претходна статија
„Дивелоп груп“ ќе гради луксузен хотел во Охрид
Следна статија
ФОТО ВЕСТ: Стаклената фасада на источната трибина на Националната арена е речиси готова

Ќе се реконструираат три електрични локомотиви на МЖ – Транспорт

Објавено на 16.03.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Две електрични локомотиви од серијата 441 и една локомотива од серијата 461 ќе се реконструираат преку Проектот за обнова на возниот парк на Македонски железници – Транспорт. Деновиве беше објавен меѓународен тендер за прибирање понуди од компаниите што се заинтересирани да ја извршат ревизијата и модернизацијата на застарените локомотиви. Крајниот рок за доставување на тендерските понуди е 28 април. Со проектот ќе се промени речиси целата опрема на локомотивите, ќе се модернизира кабината на машиновозачите и ќе се реализира внатрешно и надворешно бојадисување. Овој проект се финансира преку подигнатиот заем од Европската банка за обнова и развој во висина од 50 милиони евра, кој вклучува набавка на 150 товарни вагони и шест моторни гарнитури.

 

 

 

Во меѓувреме, МЖ – Транспорт периодов работи на комплетирање на тендерот за купување на шест нови патнички гарнитури. Пристигнале три понуди од странски компании, од кои две ги задоволуваат пропишаните критериуми, но нивните имиња засега не се откриваат, ниту пак моделите на гарнитурите што ги понудиле. Втората фаза од тендерот ќе се заокружи на 14 април со отворање на финалните технички и финансиски понуди од двете компании. „Одлуката за избор на најповолен понудувач се очекува да се донесе кон крајот на мај оваа година, а пристигнувањето на првиот воз според примените документации во текот на летото во 2015 година“, истакнува за „Билд“ Кире Диманоски, директор за маркетинг и транспорт во МЖ – Транспорт. Со тендерот ќе се набават четири дизел моторни гарнитури за неелектрифицираните пруги во земјава и две електромоторни гарнитури што ќе сообраќаат помеѓу Табановце и Гевгелија.