Заинтересираните граѓани и туристите од 1 април ќе можат да ја разгледуваат македонската метропола и со електрични автомобили. Ј.П. „Градски паркинг“ деновиве потпиша договор за нивна набавка со скопската фирма „Хипнел“ во висина од 57.100 евра. Во наредните денови ќе биде изготвен правилник со цената на изнајмување и условите за користење на овие превозни средства. Секој електричен автомобил ќе има возач, кој воедно ќе биде и туристички водич за посетителите на градот. Претпријатието остава можност и за изнајмување на овие автомобили. „Градски паркинг“ ќе го мери интересот за нивно користење, по што ќе донесе одлука околу тоа дали ќе бидат купени дополнителни пет електрични автомобили.
Во централното градско подрачје ќе се изгради и полнач за акумулаторите на овие превозни средства. Со едно полнење овие автомобили можат да поминат и до 100 километри. Со овој проект на градската власт, Скопје за прв пат ќе добие електрични автомобили на своите улици. За користење на овие транспортни средства во повеќето европски градови владее голем интерес од страна на граѓаните, при што локалните власти се вклучени во изградбата на неопходната мрежа на полначи.