Комората на овластени архитекти и овластени инженери на Македонија укажува на неприменливоста на измените во Законот за градење што се однесуваат на механичката отпорност, стабилност и сеизмичка заштита на објектите. Во февруарскиот број на списанието „Пресинг“ е објавено нивното писмо до Министерството за транспорт и врски во кое се нагласува дека примената на оваа законска регулатива може да предизвика негативни реперкусии за македонските градежници. Од Комората подготвиле анализа на спорниот член од Законот за градење, во која се наведени предизвиците со кои ќе се соочат инвеститорите и проектантите при неговата примена во наредниот период.
Со законските измени не е наведен субјектот што како специјализирано тело треба ќе ја врши контролата на објектите од областа на заштитата од сеизмички влијанија, механичка отпорност и стабилност. Во објавеното писмо се нагласува дека членовите на комората веќе реагирале за проблемите и недоследностите во однос на примената на законските измени. Притоа, од Министерството за образование и наука како субјект што треба да ги врши контролите на објектите во однос на сеизмичката заштита е определен Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС), но се поставува прашањето кој ќе ја определи механичката отпорност и стабилност.
И додека од Комората веќе неколку пати реагираат на законските измени, претставници на ИЗИИС во изминатиов период во неколку наврати преку изјави во медиумите ја дадоа поддршката за истиот. Оваа установа почнала со контролите на дел од објектите што се градат, а во иднина тие ќе даваат и мислења за тоа дали проектите за градба ги задоволуваат законските прописи. Без овој документ, инвеститорите на новите објекти во иднина нема да можат да обезбедат одобрение за градење.