Стартуваше проширувањето и реконструкцијата на булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“, на потегот од крстосницата со булеварот „8. Септември“ до улицата „Московска“ кај студентскиот дом „Гоце Делчев“. Премиерот Никола Груевски и скопскиот градоначалник Коце Трајановски денеска го поставија камен – темелникот за проширувањето на оваа важна сообраќајница во должина од околу 1.100 метри. Градежниот зафат ќе се одвива на јужната страна од постоечката траса за да се добијат четири коловозни ленти и тротоари од двете страни на булеварот со ширина од по 3,5 метри. Во рамките на проектот влегува поставување на нова атмосферска канализација со вкупна должина од 1.493 метри, како и реконструкција на постоечката фекална мрежа во должина од 226 метри.
Градежните активности на овој проект ќе се одвиват во временски период од околу шест месеци. За изведувач на работите е избрана компанијата „Трансмет“ од Скопје. Заедно со проширувањето, булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“ ќе добие и ново улично осветлување за кое ќе се потрошат 11,6 милиони денари. Идните 84 столба за улично осветлување ќе ги постави фирмата „Магнус инженеринг“. Градот Скопје веќе ги реализираше првите две фази од изградбата на булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“ во текот на 2011 и 2012 година. Според зборовите на градоначалникот Коце Трајановски, целосната изведба на оваа сообраќајница од центарот на градот до населбата Карпош 3 е со вредност од околу 250 милиони денари.