Претходна статија
Јагленот ќе мора да се истисне од производството на електрична енергија
Следна статија
Поништена продажбата на земјиштето во Маџир Маало

Се бара нов изглед за 20-тина објекти во центарот на Скопје

Објавено на 23.01.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Град Скопје денеска објави три Конкурси за избор на идејни решенија за реконструкција на 20-тина фасади на постари објекти долж булеварот „Илинден“ и улиците „Димитрие Чуповски“ и „Црвена скопска општина“ во централното градско подрачје. Најголем дел, односно 13 зданија опфатени со огласите, се лоцирани на булеварот „Илинден“. За разлика од изведбата на нови термички фасади што го почитуваат трудот на архитектите, Градот Скопје се одлучи најпрво да избере нови архитектонски решенија што ќе го определат идниот изглед, пред да започне реконструкцијата на зградите.

 

Според наведените критериуми за избор, градските власти ќе се раководат од изводливоста и одржливоста на понудените трудови, инвентивноста во пристапот на обликување, економичноста на решението, задоволувањето на прописите и нормативните акти и почитувањето на програмските барања. На архитектите што ќе понудат најсоодветно решение за објектите на улицата „Црвена скопска општина“ ќе им се додели прва награда во износ од 150.000 денари, додека на секое од најдобрите идејни решенија за останатите зданија ќе се додели прва награда во износ од 25.000 денари. Изработените проекти од страна на архитектите треба да се достават најдоцна до 16 мај во просториите на Град Скопје.

 

Промената на надворешноста на веќе изградените објекти во центарот на Скопје трае неколку години. Градската управа веќе инвестираше во реконструкцијата на неколку фасади на објекти на плоштадот „Македонија“, меѓу кои беше и објектот „Пелистер“. Досега се изработени и 23 идејни решенија и основни проекти за неколку згради на улиците „Македонија“, „Димитрие Чуповски“ и „Никола Вапцаров“. Како прв објект којшто годинава ќе добие нова фасада во согласност со архитектонските стилови од проектот „Скопје 2014“ е зградата на улицата „Никола Вапцаров“ бр.9.