Претходна статија
Италијански „Итек“ прв ќе гради фабрика во ТИРЗ Тетово
Следна статија
Ќе се реконструираат пречистителните станици на Дојранското езеро

Државно земјиште во центарот на Скопје продадено за само 3.290 евра

Објавено на 16.01.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

„Барокен“ хотел ќе се гради во Маџир Маало. Министерството за транспорт и врски на денешната електронска лицитација ја продаде атрактивната парцела со површина од 2.855 метри квадратни [»мапа] по цена од 71 денари за метар квадратен (вкупно 202.705 денари, односно 3.290 евра). Купувач е скопската компанија „Амадеус Стоун“ која беше единствен учесник на јавното наддавање. Компанијата во наредните 15 дена треба да ја уплати постигнатата сума, по што ќе се потпише и купопродажниот договор со министерството. На оваа локација во близина на трговскиот центар „Веро Центар“ треба да никне хотел со приземје, седум ката и поткровје. Во негови рамки е предвиден и подземен паркинг простор.

 

 

 

Како и во многу случаи досега, надлежното министерство го ограничува инвеститорот во избор на архитектонски стил што сака да го примени во идната градба. Посебна комисија ќе одлучува дали идејното решение е во согласност со некој од преферираните правци од проектот „Скопје 2014“: барок, класицизам, неокласицизам, романтизам и неоромантизам. Пред да започне да гради, „Амадеус Стоун“ ќе мора да добие министерска согласност за надворешниот изглед на хотелот. Инвеститорот ќе мора да обезбеди градежна дозвола во рок од девет месеци од склучувањето на договорот. Огласот за продажба на атрактивното земјиште беше објавен на крајот од декември минатата година.

 

 

» Форумска дискусија за овој проект