Претходна статија
Изградбата на станови во минус и во текот на ноември
Следна статија
Објектите долж булеварот „Илинден“ ќе добијат нови фасади

Екологистите се бунат, карванот за изградба на „Бошков мост“ и „Луково поле“ си врви

Објавено на 14.01.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Продолжува битката за спас на Националниот парк „Маврово“. Со поддршка од 119 меѓународни научници, македонските еколошки друштва подготвија „Декларација за спас на Националниот парк Маврово“. Писмото за запознање со последиците од изградбата на енергетските проекти „Бошков мост“ и „Луково поле“ е испратено до македонскиот премиер Никола Груевски и министерот за животна средина и просторно планирање Абдулаќим Адеми, со апел да се повлече финансирањето на овие проекти и да се забрани нивната изградба. Организатори на оваа иницијатива се здруженијата „Екологијата – Приоритет!“, коалицијата за зачувување на природата „Натура 2000“ и неколку други организации. Покрај владините претставници, минатиот петок отворени писма добија и претседателите на Светската банка и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), во кои научниците потсетуваат дека со остварувањето на овие проекти се загрозува заштитата на националните паркови во општи рамки.

 


* Ќе ја преживее ли Радика политиката?

 

 

Покрај еколозите, скепса за реализацијата на „Луково поле“ изразија и од локалната самоуправа од Дебар. Пред еден месец, министрите за економија и животна средина Ваљон Сарачини и Абдулаќим Адеми се солидаризираа со жителите на Дебар. Тие најавија дека овој проект ќе се реализира единствено ако се согласат сите страни, но и ако најновата студија за влијанието на животната средина од акумулацијата покаже дека нема да се случи девијација на реката Радика. Допрва треба да се формира експертска работна група, во која ќе бидат вклучени државните институции, локалните власти од Дебар, но и претставници од Министерството за енергетика на Албанија.

 

Но проблемот не завршува кај проектот „Луково поле“. На крајот од 2013 година, со соопштение се огласи и еколошкото друштво „Екосвест“, кое повика ЕБОР да го објави извештајот за неправилностите при спроведувањето на процедурите на реализацијата на хидроелектраната „Бошков мост“ од страна на банката. Иако е подготвен пред повеќе од половина година, извештајот не е објавен, што според „Екосвест“, зборува за тоа колку е транспарентна и одговорна оваа банка за своите дела. Инвеститор во двата проекти е државната компанија ЕЛЕМ, која преку кредитни линии на ЕБОР и на Светска банка подолго време лобира за нивната реализација.