Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ објави оглас за пронаоѓање на градежна компанија што ќе го доизгради Милениумскиот крст на планината Водно. Со зафатот е планирано објектот да го добие ветениот ресторан, изведба на водоводна и канализациона мрежа, замена на постоечките светилки, поставување нов лифт и антикорозивна заштита на конструкцијата на крстот. Заинтересираните компании треба да ги достават своите понуди најдоцна до 14 јануари, кога е предвидено да се објави и најповолниот понудувач. За претстојниот зафат веќе е подготвена проектната документација од страна на Градежниот институт „Македонија“.
Објектот на врвот на Водно треба да го добие замислениот лик во период од две години по потпишувањето на договорот, додека реалните очекувања на раководството на ЈСП „Скопје“ се дека целиот зафат може да се заврши и за шест месеци, односно истиот да биде ставен во функција во текот на оваа година. Се проценува дека доградбата на Милениумскиот крст ќе чини 35 милиони денари, односно околу 570 илјади евра, при што финансиите е предвидено да се обезбедат преку донации од Владата и од Градот Скопје.
Милениумскиот крст беше нецелосно изграден во 2002 година, во чест на две илјади години христијанство во Македонија, а според проектот на архитектите Јован Стефановски – Жан и Оливер Петровски. Од тогаш до денес се постави надворешниот лифт и се застакли просторот наменет за дуќани и за ресторанот.