Претходна статија
Кој го купи земјиштето за изградба на здравствен објект до Градската болница?
Следна статија
Распишан тендер за доизградба на Милениумскиот крст

Уште 600 илјади евра за изградба на зградата до „Бристол“

Објавено на 03.01.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Иако изведбата на објектот е стигната само до ниво на темели, почнаа да се потпишуваат дополнителни договори за негово довршување. Службата за општи и заеднички работи на Владата склучи договор за непредвидени и дополнителни работи за изградба на административниот објект за потребите на Советот за радиодифузија, АДСДП и Службата за општи и заеднички работи на владата, кој се гради на просторот на некогашниот парк до хотелот „Бристол“ во центарот на Скопје [»мапа]. На фирмата „Декон – Ком“ ќе и бидат исплатени 36.969.852 денари односно околу 600 илјади евра. Со тоа, вкупната сума за изградба на објектот веќе достигна над 4,4 милиони евра.

 

Покрај ова, останува нејасно како се појавиле дополнителни работи на само три месеци од потпишувањето на договорот, бидејќи по правило во тендерот треба да бидат вклучени севкупните активности за реализација на еден проект. Постапката со преговарање е комплетирана без објавување оглас, при што на веб – страницата на Бирото за јавни набавки се објавува и образложението за ваквиот потег: „Во текот на изведувањето на работите се јави потреба од изведување на дополнителни работи кои не се вклучени во основниот договор, а кои се неопходни за изградба на објектот“. Планираниот простор за администрацијата и за независното регулаторно тело изнесува 4.099 метри квадратни.

 

Идејното архитектонско решение за ова административно здание го изработија Жарко Чаушевски и Никола Стакинов и истото е замислено да го следи досегашниот архитектонски стил на владиниот проект „Скопје 2014“. Ревидираниот основен проект го подготви компанијата „Прима инженеринг“.