Парк – шумата Водно ја губи битката под напливот на нелегалните или нелегитимни објекти на нејзините падини. Иако долги години не постоеше можност за легализација и во неколку наврати се најавуваше рушење, објектите од населбата „Шпанско село“ сепак ќе преживеат. Општина Карпош вчера распиша оглас за изработка на урбанистички план за овој локалитет што е актуелен неколку години наназад. Се бара биро што ќе ја реализира услугата за просторно планирање и уредување на локалитетот, вклучувајќи ја и изработката на ревизија на идниот урбанистички план. Заинтересираните субјекти можат да ги достават своите понуди најдоцна до 23 декември.
Урбанистичкиот план за дивата населба „Шпанско село“ ќе ја отвори можноста за легализирање на стотина објекти, меѓу нив луксузни вили и хациенди за кои не се платени пропишаните законски такси кон општината и државата. Иако уште од 2003 година се говори за рушење на бесправно изградените објекти од оваа населба, досега не е пристапено кон уривање на ниту еден објект. Наместо тоа, продолжува узурпацијата на подножјето на Водно со континуирана изградба на нови мегаломански објекти. Пред еден месец беше организиран и протестен марш за итно дефинирање на границите на Парк – шумата и за спречување на нејзиното натамошно уништување.