Претходна статија
Системската градба тема на третата „Кнауф Академија“
Следна статија
Наместо да се намалува, застапеноста на патниот превоз расте

Општина Центар ќе гради ново училиште во Капиштец

Објавено на 06.12.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Победничкото идејно решение - визуелизацијаТрудот на авторите Бесиан Мехмети, Стефан Атанасовски, Никола Кунгуловски и Арменд Хебипи е победник на неодамнешниот Конкурс за избор на идејно решение за новата зграда на планираното основно училиште во скопската населба Капиштец. Тие ја добија првата награда во износ од 150.000 денари, доделена е и втора награда во висина од 100.000 денари, а откупени се и три конкурсни труда од групи на архитекти, кои ќе добијат по 10.000 денари. На конкурсот биле доставени вкупно 21 идејно решение. Со ова е завршена првата етапа од проектот за изградба на образовниот објект. Општина Центар во следната фаза треба да распише оглас за избор на основен проект, при што очекувањата се дека изградбата на училиштето ќе почне во 2014 година, а ставањето во функција би се реализирало во 2016 година.

 

Предвидената површина на зградата е 9.248 метри квадратни. Новата образовна институција ќе има 20 училници, кабинети, фискултурна сала, спортски терени, простори за настава на отворено и ботаничка градина. Во овој објект настава ќе следат околу 500 ученици. Вкупната инвестиција на општина Центар би изнесувала 3 милиони евра, при што дел од финансиите ќе се обезбедат од планираните средства што требаше да се вложат во барокната катна гаража до поранешниот објект на НИП „Нова Македонија“.