Претходна статија
„Статистика“ тврди дека градежништвото годинава бележи значаен раст
Следна статија
Штипски „Бетон“ со поголема добивка во 2013 година

„Гранит“ ангажиран на изградба на автопатот Демир Капија – Смоквица

Објавено на 12.11.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Дел од пробиената траса на автопатот Демир Капија - СмоквицаГД „Гранит“ АД Скопје како подизведувач е вклучен во изградбата на автопатската делница Демир Капија – Смоквица. Како главен изведувач на овој инфраструктурен проект, грчки „Актор“ го избра македонскиот градежен гигант за производство, транспорт, вградување и набивање на асфалт на дел од коловозот на автопатот. Вредноста на потпишаниот договор без вклучен ДДВ изнесува 45.357.000 денари или над 735.000 евра. Рокот за изведување на работите изнесува 20 дена. Грчката компанија ќе добие вкупно 257 милиони евра за реализација на трасата од Демир Капија до Смоквица, која е дел од паневропскиот Коридор 10. Поради непостоење на можноста за исполнување на строгите критериуми, ниту една домашна фирма или конзорциум не се пријави на меѓународниот тендер за избор на главен изведувач на овој проект.

 

Покрај како подизведувач, скопски „Гранит“ денеска обелодени дека е избран и како изведувач на Лот 3 и Лот 4 од четвртата фаза на проектот за рехабилитација и подобрување на македонските локални патишта. Со Агенцијата за државни патишта, склучени се два договори за реконструкција на патната инфраструктура во североисточниот, источниот, вардарскиот и југоисточниот регион на Македонија. За оваа намена се издвоени финансиски средства во износ од 244.174.000 денари или преку 3,9 милиони евра. Сите активности за комплетирање на оваа фаза од инфраструктурниот проект треба да завршат во временски период од девет месеци.