Претходна статија
НАТО ќе реконструира уште 13 мостови на автопатот Велес - Катланово
Следна статија
1.100 до 3.000 евра за квадрат во облакодерите на „Џеваир“

Се бара приватен инвеститор за катните гаражи во Клиничкиот центар

Објавено на 06.11.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

#Министерството за здравство распиша повик за воспоставување на јавно – приватно партнерство за изградба на две катни гаражи со приземје и седум ката, во склоп на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје. Моделот за реализација на овие објекти вклучува проектирање, финансирање, изградба, стопанисување и трансфер по изминатиот концесиски период. Најповолниот понудувач ќе може да стопанисува со двете катни гаражи со предвиден капацитет од 2.500 паркинг места во временски период од 35 години, но претходно ќе мора да вложи во нивната изградба. Компаниите што сакаат да учествуваат на огласот ќе мора да имаат минимум работен капитал од 1 милион евра или пристап до кредитна линија со толкава сума, но и вкупниот годишен обрт во последните три години да не им бил помал од 2 милиони евра.

 

Покрај пријавите за учество, заинтересираните субјекти најдоцна до 23 декември ќе треба да достават и гаранција на понудата во висина од 300 илјади евра. Најповолниот понудувач во следната фаза ќе треба да достави гаранција за навремено изведување на градбите во висина од 1.150.000 евра. Во периодот на важност на договорот, приватниот партнер ќе треба да исплаќа концесиски надомест на надлежното министерство. Проценките на изготвената физибилити студија се дека во двата објекта би се инвестирале 21,3 милиони евра. Покрај просторот за паркирање, зацртан е и деловен простор со површина од по 4.000 метри квадратни.

 

Првата катна гаража ќе се гради на празниот простор помеѓу Инфективната клиника и Фармацевтскиот факултет, а втората на местото на постоечкиот Институт за туберкулоза, кој пак ќе биде преселен во новиот објект на Клинички центар. Министерот за здравство Никола Тодоров во август годинава истакна дека очекува интерес од приватните инвеститори, бидејќи се работи за проект кој би обезбедил поврат на инвестицијата во период од 12 години.

 

 

» Форумска дискусија за Клиничкиот центар во Скопје