Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и двајцата директори на Македонски железници – Транспорт и Инфраструктура денеска извршија увид на комплетираните активности за реконструкција на железничката делница Куманово – Табановце, која е составен дел од паневропскиот Коридор 10. За санација на пругата во должина од 12,5 километри се потрошени 3,5 милиони евра, со што брзината на возовите се зголеми на максимални 120 километри на час. Покрај оваа делница, пред неколку недели заврши и ремонтот на сегментот од Миравци до Смоквица во должина од 12,4 километри. Со двата проекти комплетно е реконструиран долниот и горниот строј на пругите што беа стари и до 43 години.
„Од влезот на Македонија до излезот кон Грција, каде претходно просечното времетраење на движење на стоките беше четири часа и 15 минути, со реконструкцијата на само две делници кои веќе се завршени, во должина од скоро 27 километри, времето на движење на возовите за превоз на стока се скратува за час“, изјави министерот Јанакиески. Со реконструктивниот зафат беше поставен геотекстил и геомрежа на долниот строј од пругата, а беа целосно заменети и дрвените со нови бетонски прагови, заедно со поставување на нови шини и толчаник долж целата траса. Проектот опфати и реконструкција на патните премини, но и поставување на бетонски перони на железничките стојалишта од Куманово до Табановце.
Градежните работи на оваа делница од Коридорот 10 ги изведе германскиот конзорциум „Вибе и Алпине“, а финансиските средства беа обезбедени преку кредит од Европската банка за обнова и развој во висина од 17,6 милиони евра. Во денешната изјава за медиумите, министерот Јанакиески посочи дека санацијата на пругата од Ногаевци до Неготино во должина од 31 километар треба да почне до крајот на годинава. Предвидувањата се дека до крајот на наредната година истата ќе заврши, со што ќе се намали времетраењето на движење на возовите за дополнителни 30 минути.