Собранието на Република Македонија денеска го усвои Законот за реализација на инфраструктурни проекти за изградба на автопатските делници Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид. Со донесената легислатива се отвора вратата за задолжување кај кинеската Ексим банка за реализација на двата инфраструктурни проекти. Договорениот кредит е со рок на отплата од 20 години, пет години грејс период и каматна стапка од 2 процентни поени. За изведба на автопатот Миладиновци – Штип ќе бидат подигнати финансиски средства во висина од 206 милиони евра, додека за автопатот Кичево – Охрид ќе се искористат 374 милиони евра. Покрај земениот кредит, 10% од неопходните средства за остварување на двата проекти ќе се обезбедат од државниот буџет. Изведувач на градежните работи на двата автопати ќе биде кинеската „Синохидро корпорација ЛТД“.
Опозициските пратеници на денешната седница на македонскиот парламент ги критикуваа цените за изградба на километар автопат, како и поволностите за кинеската компанија што ќе ги гради автопатите. Според нив, цената на чинење на автопатите се зголемила за повеќе од 100 отсто, а истовремено кинеската фирма ќе биде ослободена од давачките за ДДВ и за акциза. Пратениците од СДСМ истакнаа дека експропријацијата на земјиштето ќе треба да ја плати државата. И покрај ваквите критики, македонските пратеници со 66 гласа „за“, еден „воздржан“ и еден „против“ дадоа поддршка на реализацијата на модерната патна инфраструктура.
Со овој закон најмногу средства ќе се обезбедат за изградба на автопатската делница од Коридорот 8 од Кичево до Охрид. Проектната документација предвидува изведба на еден тунел под превојот Пресека во должина од 1.990 метри, 22 вијадукти, 7 армирано – бетонски мостови, 6 натпатници и 13 потпатници долж трасата со должина од 56,7 километри. Зацртани се по две коловозни ленти и по една помошна лента во двата правци и разделен појас со должина од 3 метри. Рокот за изведба на оваа делница изнесува 45 месеци, а истата ќе треба да почне да се гради во 2014 година.
Автопатот од Миладиновци до Штип ќе биде во должина од 53 километри, со по две коловозни ленти во двата правци и по една дополнителна лента за застанување. Помеѓу коловозите во двата правци е предвидено заштитно зеленило со ширина од 4 метри и систем за зафаќање на атмосферски води од коловозот. Со проектот е зацртано да се изведе клучка и обиколница покрај Свети Николе. Рокот за завршување изнесува три години. И со двата проекти е планирано имплементирање на најсовремена опрема долж трасата: заштитна ограда, звучни и други сигнални уреди. Максималната брзина на движење на возилата ќе изнесува 120 километри на час.