Промоција на користењето на електрични скутери во градските средини и вклучување на граѓаните и на туристите во секојдневна употреба на „зелени“ превозни средства се главните цели на новиот проект за електричен градски транспорт „Ele.C.Tra“, во кој како партнер се вклучи и Градот Скопје. Во наредните две години ќе се зголемува јавната свест за користење на електричните возила меѓу администрацијата, компаниите и локалните заинтересирани страни (здруженија, фирми и универзитети) и за промоција на одржливиот развој во овој сектор, за што се одвоени финансиски средства во износ од 76.346 евра. Во рамките на проектот ќе се тестира систем за изнајмување / споделување скутери во три града (Џенова, Фиренца и Барселона), каде што користењето на скутери е многу присутно.
Искуството од овие три града, ќе се пренесе врз пет други европски центри, меѓу кои е и Скопје. Македонската метропола со проектот „Ele.C.Tra“ ќе ги реализира подготвителните активности за обезбедување на систем за изнајмување скутери. Скопје е еден од ретките европски градови во кој употребата на електрични возила е минимална, а досега не е изградена неопходната инфраструктура на полначи за електрични автомобили. Општина Центар и Агенцијата за енергетика во февруари годинава беа првите субјекти што искажаа заинтересираност за изведба на полначи за овој вид возила, но досега ваквото ветување не е реализирано.