Претходна статија
Пресечена лентата за новата зграда на Јавното обвинителство
Следна статија
Се продаваат десетици парцели за изградба на куќи и индустриски објекти во Демир Капија

Улицата Трета Македонска бригада ќе прерасне во булевар

Објавено на 11.10.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Започнаа градежните активности за проширување и реконструкција на првата делница од улицата Трета Македонска бригада што ја поврзува населбата Лисиче со центарот на Скопје. Целосниот проект предвидува реализација на булеварски профил на сообраќајницата на потегот од крстосницата со булеварот Србија до крстосницата со улицата Никола Карев, при што постоечкиот коловоз ќе се реконструира и ќе се изгради нов коловоз со две сообраќајни ленти, а помеѓу нив ќе се изведе средишно зеленило.

 

извор: Град Скопје„Во првата фаза од градежните работи што ги почнуваме денеска, ќе се прошири делница од улицата Трета Македонска бригада – од булеварот Србија до улицата Фрањо Клуз. Со проширувањето на оваа прва делница долга 1.243 метри, улицата Трета Македонска бригада ќе добие четири коловозни ленти, по две во секоја насока и средишно зеленило со ширина од пет метри. Од двете страни на новоформираната сообраќајница ќе се изградат тротоари кои што ќе се покријат со бехатон плочки. Од левата страна тротоарот ќе биде широк 1,5 метри, а од десната страна ќе се оформи зелен појас, велосипедска патека и пешачка патека“, изјави градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски.

 

Градежните работи на оваа делница ќе се искористат за да се постави атмосферска канализација во должина од 1.300 метри со променлив профил. Новата сообраќајница ќе ја осветлуваат 84 столба за улично осветлување со висина од по 10 метри, на кои ќе се постават 128 светилки. Рокот за завршување на првата фаза изнесува девет месеци. Од градската каса за проширувањето на улицата Трета Македонска бригада ќе се издвојат 133 милиони денари. Изведувач на градежните работи е компанијата „Жикол“ од Струмица.

 

 

» Форумска дискусија за овој проект