Денес во Министерството за транспорт и врски се одржа јавно наддавање за две парцели во општината Аеродром наменети за спортски и рекреативни содржини. На поголемата од нив која има површина од 25.260 метри квадратни веќе подолго време се најавува изградба на аква парк, додека на помалата која има површина од 6.885 метри квадратни со ДУП-от е предвидена повеќенаменска спортска сала. Парцелите ги доби „Манд интернационал“ од Скопје, која за нив ќе треба да исплати 50.520.000 и 13.770.000 денари. Компанијата треба да ги уплати средствата во рок од 15 дена, да обезбеди одобрение за градба најдоцна 9 месеци од солемнизирање на договорот и да ги изгради објектите во рок од 2 години после правосилноста на одобрението.
Според ДУП-от инвеститорот ќе треба да обезбеди 210 паркинг места во рамки на парцелите, а максималната дозволена висина за градба е 12 метри. Објектите ќе бидат дел од идниот спортско – рекреативен центар на кејот на Вардар во Аеродром. Поголем дел од него е зацртан на просторот на бившата голема градежна база на АДГ Маврово која е речиси расчистена. На 31 јануари таму беше поставен камен темелник за четири тениски игралишта, а на почетокот на месецов Министерството за транспорт и врски на лицитација понуди и две парцели за хотели, кои исто така треба да бидат дел од комплексот.