Претходна статија
Трета шанса за планираната населба во бившата касарна „Илинден“
Следна статија
Со кредит од кинеската Ексим банка ќе се градат автопатите Скопје - Штип и Кичево - Охрид

Почна изградбата на телекомуникациската кула на Водно

Објавено на 10.10.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Телекомуникациска кула на Водно - визуелизацијаПремиерот Никола Груевски, заедно со раководството на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) и претставници на телекомуникациските и оператори и радиодифузерите, денеска поставија камен – темелник на телекомуникациската кула со антенски систем за мониторинг и контрола на радиофрекфенциите. Објектот со височина од 155 метри ќе биде лоциран на околу 300 метри источно од Милениумскиот крст, односно од врвот на Водно. Од буџетот на АЕК за неговата изградба ќе се издвојат 18 милиони евра. „Самиот факт што оваа кула ќе биде повеќе од двапати повисока од Милениумскиот крст, двапати повисока од зградата на МТВ, но и повисока од новите висококатници во Аеродром, доволно говори за импресивноста на оваа градба“, истакна во својот говор премиерот Никола Груевски.

 

Објектот на АЕК ќе биде со централен армиран бетонски столб на кој ќе бидат поставени четири конзолни платформи и челично решеткаст столб, а на врвот ќе има антена. На ротирачките платформи ќе има канцелариски простор и во нив ќе биде сместена целата опрема. Антенскиот систем за контрола и мониторинг на радиофреквенциите ќе овозможи поквалитетна и посигурна грижа за корисниците на радиофреквенции. Со изградбата на овој објект, врвот на Водно ќе биде расчистен од присутните антени и во него би се префрлиле сите радиодифузери и мобилни оператори. Покрај нејзината основна намена, власта смета дека новата кула на Водно ќе привлече нови туристи и посетители во главниот град.

 

Според информациите од АЕК, обезбедени се сите дозволи за градба од општините и од Министерството за транспорт и врски, а извршени се и статички испитувања пред почетокот на изградбата. Телекомуникациската кула на Водно ќе се гради во наредните пет години, а за изведувач на работите е избрана компанијата „Гранит“ од Скопје. За надзорот е задолжен „Геинг КуК“. Основниот проект го изработи бирото „Билд“ според идејното решение од „Стоун Дизајн“, додека ревизијата на проектот ја изведе „Балкан консалтинг“. Со нејзината изградба, телекомуникациската кула ќе прерасне во највисок објект на територијата на Македонија.

 

 

» Форумска дискусија за овој проект