Претходна статија
Отворен деловно - трговски центар во новата станбена населба Лисиче
Следна статија
Горно Лисиче доби парк со површина од 6.500 метри квадратни

Прво физибилити – студија, потоа модернизација на РЕК „Осломеј“

Објавено на 12.09.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) денеска објави повик за ангажирање на консултант за изработка на физибилити – студија и имплементација на проектот за модернизација на РЕК „Осломеј“. Доколку земјава во иднина сака да го задржи во работа овој значаен енергетски објект, ќе мора да инвестира во осовременување на неговите капацитети. Постоечката кондиција на РЕК „Осломеј“ е лоша, како последица на ниската калорична вредност на јагленот, малите резерви на јаглен, ниската стапка на ефикасност во производствениот процес и на незадоволувањето на стриктните барања на ЕУ за ограничување на емисијата на издувни гасови.

 

Како најреален излез од оваа негативна состојба се гледа во воведување на нова технологија во производствениот процес или поконкретно, ползувањето на природниот гас како енергенс во добивањето електрична енергија. Од ЕЛЕМ имаат визија за изградба на нова комбинирана гасна електрана со моќност од 375 мегавати, која би се состоела од нова гасна турбина со моќност од 250 мегавати и генератор, како и од осовременување на постоечката опрема. Вкупната инвестиција во комбинираната електрана засега е проценета на 200 милиони евра. Сепак, за остварување на ваквата замисла најпрво ќе мора да се изгради магистралниот гасоводен крак од Скопје кон Кичево.

 

За добивање на појасни и веродостојни податоци во која насока би се одвивала модернизацијата, од ЕЛЕМ се подготвени на консултантите да им овозможат рок од 44 месеци за изработка на физибилити – студијата. Заинтересираните консултантски компании треба да ги достават своите понуди за учество на тендерот најдоцна до 30 октомври, за кога е закажано и нивното јавно отворање.