Од денеска во употреба е пуштена новата катна гаража на улицата Свети Кирил и Методиј (поранешна Мито Хаџивасилев Јасмин), спроти дирекцијата на „Макпетрол“ [»мапа]. Гаражниот објект со својот капацитет од 445 паркинг места се очекува дека значително ќе го намали проблемот со паркирањето во овој дел од центарот на Скопје. „За изградба на катната гаража Градот Скопје вложи околу 743 милиони денари, а на терен работеа градежниците од ГД „Гранит“ од Скопје. Проектот за катната гаража е на група автори – Минас Бакалчев, Митко Хаџи Пуља, Саша Тасиќ, Александар Радевски, Никола Стрезовски и Дамјан Момировски, а авторите на фасадата се од фирмата ППАГ од Австрија. Со оваа катна гаража ќе стопанисува ЈП „Градски паркинг, а цената на паркирање ќе изнесува 30 денари од час“, изјави градоначалникот Коце Трајановски на отворањето на објектот.
Возилата имаат пристап до катната гаража преку новопроектираната улица која е поврзана со улицата Свети Кирил и Методиј, со по два влеза и излеза за возилата и четири влеза за корисниците на паркингот. Во рамките на објектот се достапни 17 паркинг места за лицата со посебни потреби. Приземјето и последниот кат се наменети за деловен простор, со површина од 1.244 метри квадратни.
Фасадата на зданието е уникатна, изработена е од ламинантни панели од дрво со голема издржливост на атмосферски влијанија. Ваквото решение овозможува природна вентилација на објектот. За илуминација на неговиот надворешен изглед се поставени 496 светилки со ЛЕД диоди. Катната гаража со две подземни и седум надземни нивоа започна да се гради во март 2011 година.