Градот Скопје распиша оглас за пронаоѓање на компанија што ќе изработи основен проект со вклучена ревизија за изградба на висечки пешачки мост преку езерото Треска, со што на посетителите на ова излетничко место ќе им се овозможи пристап до пештерите Врело, Крштела и Убава. Идејата за пешачки мост во кањонот Матка е стара повеќе од пет години, но досега е неостварена поради недостиг на финансиски средства во градската каса. Претходниот градоначалник Трифун Костовски имаше намера да го реализира проектот, заедно со изведба на пешачка патека во должина од четири километри.
Заинтересираните компании треба да ги достават своите понуди најдоцна до 25 септември. По изработка на целокупната документација, постапката за изградба на мостот ќе продолжи со распишување оглас за избор на градежна компанија. Засега останува непознат временскиот период кога ќе започне изведбата на овој проект на непристапниот терен, како и висината на неопходните финансиски средства што треба да се издвојат за него.