Наскоро ќе се реализира најавата за изградба на булеварот АСНОМ кон населбата Горно Лисиче. Градот Скопје на тендер ја избра компанијата „Урбан инвест“ од Кавадарци како најповолен понудувач за изведба на почетните 350 метри од сообраќајницата од првата фаза на проектот, на потегот од улицата „Февруарски поход“ кон улицата „Тодор Чангов“. Градежната оператива на изведувачот има рок од четири месеци за да ја заврши булеварската врска на овој дел од Скопје со населбата Ново Лисиче. Од градската каса за проектот се издвоени 32.737.021 денари или околу 530 илјади евра.
* Зградите од населба Лисиче ќе добијат булеварска врска со останатиот дел од општина Аеродром
Како што веќе беше најавено пред неколку месеци, булеварот АСНОМ во првата фаза ќе се гради помеѓу улиците „Февруарски поход“ и „Тодор Чангов“ поради расчистените имотно – правни односи. Во натамошните фази ќе треба да се определи дефинитивната траса на булеварот, која минува низ неколку куќи. Со остварувањето на првата фаза ќе се олесни движењето на граѓаните од новите згради што во моментов се градат во овој дел од општина Аеродром.