Претходна статија
Се бара проектант за новата општинска зграда во Куманово
Следна статија
„Го сакам ГТЦ“ утре со форум и со работилница за деца

Термоелектраната „Осломеј“ не одговара, Кичево ќе треба да гради нова топлана за централно греење

Објавено на 10.07.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

И покрај почетниот оптимизам дека термоелектраната „Осломеј“ може да се искористи за централно греење на општините Кичево, Зајас и Осломеј, физибилити студијата изработена од страна на скопската „Топлификација инженеринг“ покажа дека многу поисплатлива и пореална варијанта е изградбата на нова топлана и градска цевоводна мрежа. Поврзувањето со ТЕЦ „Осломеј“ ќе чини околу 13 милиони евра, што е речиси тројно повеќе од решението за изградба на топлана на мазут, кое би чинело околу 4,5 милиони евра. Старосниот век на турбините кои не даваат доволно количество на топлинска енергија, намалените резерви на јаглен и можноста овој енергетски капацитет наскоро да биде затворен се главните причини за отфрлање на првичната идеја за поврзување на трите општини со ТЕ „Осломеј“.

 

Експертите сметаат дека понудената идеја за изградба на топлана на мазут е добра, бидејќи со процесот на гасификација на земјава, овој објект подоцна би се адаптирал да работи на природен гас. Покрај оваа идеја, постојат планови од Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) за претворање на термоелектраната „Осломеј“ во комбинирана гасна електрана со инсталирана моќност од 375 мегавати, но и за овој проект е неопходно претходно да се изгради магистралниот гасовод од Скопје преку Тетово и Гостивар до Кичево. Физибилити студијата за поврзување на кичевскиот регион со централно греење од ТЕ „Осломеј“ ја финансираше Центарот за развој на Југозападниот плански регион.