Министерството за транспорт и врски објави Конкурс за избор на идејно решение за уредување на плажи на Дојранското и на Преспанското Езеро. Архитектите се повикуваат со свои замисли да се вклучат во осмислување на просторот во должина од 500 метри во централното градско подрачје на Дојран и уште 100 метри вон центарот на населеното место, како и во уредување на 500 метри плажа на Преспанското Езеро во населбата Стење и дополнителни 100 метри во населбата Сливница.
Основно начело при изработката на архитектонско – идејното решение треба да претставува концептот за заштита на природната средина и автентичноста на поедини обележја, кои се сметаат како специфични за тој регион. Во рамките на плажите треба да се предвиди поставување на автохтон песок, урбана опрема и хортикултурно уредување, шанк, како и да се осмисли место за озвучување, санитарни јазли, тушеви, соблекувални, прирачна остава за чадори, лежалки и други реквизити.
Доставените трудови ќе се оценуваат врз основа на оригиналност, иновативност, изводливост, пристапност до и во локацијата за лица со посебни потреби, вид и квалитет на понудените материјали и нивна трајност и читливост на идејата на проектот. Рокот за доставување на проектите за плажите на Дојранското Езеро е 8 јули, додека за плажите на Преспанското Езеро е 11 јули. Од надлежното министерство информираат дека овие плажи ќе бидат целосно реализирани за пречек на туристите во текот на следната туристичка сезона.