Скопскиот градоначалник Коце Трајановски и премиерот Никола Груевски денеска официјално го отворија за сообраќај третиот дел од проширениот и реконструиран булевар „Илинден“, кој во изминатите 10 месеци се градеше на потегот од бензинската пумпа на „Макпетрол“ до улицата „Љубљанска“ во должина од 1.100 метри. Со реализираниот проект на Градот Скопје, булеварот Илинден доби четири коловозни ленти широки по 3,5 метри, а од двете страни се оформени тротоари со ширина од по 2,5 метри. Поставена е нова атмосферска канализација во должина од 610 метри (Ф200 и Ф300 милиметри) и изграден е армирано – бетонски мост во должина од 20 метри преку буичниот канал во Карпош 3. Инсталирано е ново улично осветлување долж целата траса и заштитна жичена ограда кај стадионот на ФК „Локомотива“. Во средишниот дел е изградена жардиниера со ширина од 2,5 до 5 метри. Просторот околу булеварот е хортикултурно уреден и засадени се 120 дрворедни садници.
Од градскиот буџет во овој проект се вложени 80,6 милиони денари или околу 1,3 милиони евра, од кои 65 за градежните активности, 9 за уличното осветлување и 6,6 милиони за хортикултурното уредување. На проектот за проширување и реконструкција на булеварот „Илинден“ работеа екипите на компанијата „Гранит“ од Скопје. Градежните активности на третата фаза од проширувањето започнаа на крајот од јули минатата година, а првичниот рок за изведба изнесуваше 90 работни денови. Градската власт од 2010 година до денес комплетно ја прошири оваа сообраќајница во вкупна должина од 3,3 километри и во нејзе вложи преку 4,9 милиони евра.
» Форумска дискусија за булеварот Илинден