Министерството за образование и наука денеска го објави огласот за избор на архитектонско биро коешто ќе треба да ја изработи проектната документација за изградба на студентскиот дом „Невена Георгиева Дуња“, во рамките на Клиничкиот центар во Скопје. Најповолниот понудувач ќе има задолжение да подготви основен проект, проект на изведена состојба, проект за употреба и одржување, да обезбеди стручни консултации во подготовката на тендерот, како и да го изврши проектантскиот надзор за време на реализацијата на објектот. Понудите од заинтересираните компании треба да се достават најдоцна до 10 јуни. Идниот капацитет за сместување на студентите треба да се подигне на местото на постоечките бараки од студентскиот дом популарно познат и како „Медицинар“. По изготвувањето на целокупната документација, предвидено е градежните работи да стартуваат кон крајот на годинава или на почетокот од 2014 година. Финансиските средства за реализација на објектот ќе се обезбедат од државниот буџет.